Center for Security Research Колумни Како треба да изгледа еден полициски службеник?

Како треба да изгледа еден полициски службеник?

Филип Павловски

Полицијата претставува јавен сервис кој е неизоставен дел од државната управа. Таа е институција преку која се вршат полициските работи од страна на полициски службеници. Нејзините основни цели се во согласност со принципот на владеењето на правото и се однесуваат на заштитата и почитувањето на основните човекови права и слободи кои се гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, како и заштитата на правниот поредок, спречувањето и откривањето на казнивите дела, преземањето на мерки за гонење на сторителите на казниви дела и една од најосновите цели на секоја полиција во светот е одржувањето на јавниот ред и мир во општеството. Сите овие цели се остваруваат од страна на полициски службеници, како овластени службени лица кои поседуваат полициски овластувања и своите полициски работи ги вршат согласно закон. Но, за остварувањето на сите овие цели, многу е значајно да се постави прашањето: Како треба да изгледа еден полициски службеник?

Општопознато е дека полициските службеници се делат на: униформирани и неуниформирани. Иако, основните карактеристики се идентични за сите полициски службеници, сепак, постојат карактеристики кои се специфични само за неуниформираниот дел од полицијата. Нивната основна грижа е откривањето на казнивите дела и нивните сторители, реализирањето на превенцијата , а во согласност со надлежностите на криминалистичката полиција. Важно е да се напомене дека неуниформираните полициски службеници се помалку забележителни од останатиот дел на полицијата. Но, јас би се задржал пред се на униформираните полициски службеници, односно на нивната личност (police personality).

Униформираниот полицаец претставува државно службено лице, стручно обучено за работа во рамките на јавната безбедност кое како општ критериум треба најосновно на ги поседува професионалните знаења. Од него се очекува при своето постапување, освен строгата професионалност, доследно да ги почитува и законските и етичките прописи. Полицискиот службеник е припадник на еден сложен состав со јасно определни правила, законска регулативна и хиерархиски обележја. Неговите активности потребно е да бидат ослободени од било какви сопствени ставови, чувства и емоции и во склад со етички кодeкс и етичко однесување. Освен тоа, секој полициски службеник треба да се одликува и со здрав разум, внимателност, практичност, чесност и одговорност, интегритет, посветеност, сигурност и задоволително ниво на интелигенција, љубезност, авторитет и почит. Друго што треба да го карактеризира полицискиот службеник е разумноста и рационалното однесување, големо ниво на доверба, храброст, праведност и најважно од се, да ги игнорира сопствените интереси при извршувањето на своите работни функции. Сите овие карактеристики потребно е да ги поседува секој полицаец бидејќи во рамките на неговото работење, тој се сретнува со одреден притисок на две тези кои се спротиставуваат една со друга. Имено, од едната страна притисокот се однесува на повисокиот степен на ефикасност во откривањето и борбата со криминалот и криминалците, а од другата страна, се јавува спротиставен притисок кој може да придонесе до тоа, за да се удоволи оваа побарувачка, за што поголема ефикасност при извршувањето на своите задачи, полициските службеници да претераат со употребата на сила, која би дошла до степен на прекумерност и сето тоа да предизвика критики од страна на јавноста.                 

Она на кое се обрнува особено внимание во изминатиот период е таканаречената полиција во заедницата или “community policing”. Всушност, настојувањето е од страна на речиси сите современи држави, особено кога станува збор за униформираните полициски службеници како “видлив” дел од полицијата, да го постават полицискиот службеник што поблиску до граѓаните. Целта на овој систем е интегрирањето на полицаецот во општествената средина кадешто дејствува, односно заедничко решавање на проблемите со граѓаните во рамките на една локална заедница. Тоа всушност претставува еден вид на повик до полицијата за да го слушне гласот на народот, да овозможи физичко присуство на терен, и заедно, со здружени сили и соработка помеѓу полицискиот службеник и  граѓаните,  да се идентификуваат и  решаваат проблемите што ја загрозуваат таа заедница. Со ова, полицијата повеќе не е единствен чувар на законот и редот, туку сите членови на заедницата стануваат активни сојузници во обидот да се зајакне безбедноста и квалитетот на живот во рамките на една општествена заедница. Сето ова може да се постигне само со конструктивно партнерство, заедничка енергија, разбирање  и трпеливост. Филозофијата на овој пристап вели дека е потребна проактивната превенција на криминалот и останатите загрозувања, а не само репресивно одговарање на повиците од страна на полицијата.

Related Post

За стратегијата и политичкиот интелектЗа стратегијата и политичкиот интелект

Александар Нацев

Современото политичко дејствување мора да се прилагоди на начините на функционирање на современите општества и интерните динамики на тие општества, со цел да одговори на променливите предизвици кои се поставуваат пред секоја организирана политичка групација (политичка партија, политичко движење и сл.). Оваа теза веќе нашироко се апсолвира во најсилните светски држави и детално се разработува, за што сведочи и појавата на терминот политичко војување (political warfare). Самиот овој термин претставува продолжување на низата на класификација на различните видови на водење војна, која се води во различни домени (хибридно војување, асиметрично војување, специјално војување, сајбер војување, психолошко војување итн.) и има симболично значење кое укажува дека политиката е всушност едно широко бојно поле, на кое треба да се војува со противникот со сите достапни методи и со користење на сите тактики и техники, за да се постигне конечната цел. Па така, политичкото дејствување (војување) мора да биде методолошки осмислено, добро испланирано и дициплинирано извршено. Тоа значи дека политичката партија (која војува) мора да поседува ресурси и капацитети кои ќе ги спроведат плановите и тактиките, на начин кој е најмалку ризичен, најекономичен и реално остварлив.

(more…)

Користење на отворени извори на податоциКористење на отворени извори на податоци

Јане Јанчески

Прибирањето податоци од јавни или отворени извори стана еден од методите кои се широко користени во денешната работа на новинарските агенции, детективските агенции, компаниите кои работат приватно разузнавање, но и органите на државната управа кои се занимаваат со безбедносно-разузнавачка работа. Овој метод на прибирање податоци е само еден дел од арсеналот на погоре споменатите ентитети, но слободно може да се каже дека е и еден од најекономичните и најмногу користени, и во кохезија со другите методи на прибирање податоци може да не однесе кон комплетирање на сликата за нашиот предмет на интерес.

(more…)

Балканската рута и транспортот на наркотици во западна ЕвропаБалканската рута и транспортот на наркотици во западна Европа

м-р Оливер Ристески

Балканскиот полуостров претставува раскрсница за нелегалната трговија со наркотици. Неговата местоположба претставува “мост” за копнената рута која ја поврзува западна Европа со источна Азија, како најголем светски производител на наркотичната дрога хероин. Тука се вкрстуваат сите патишта за транспорт по копно на хероин од Авганистан до западна Европа. Преку пристаништата во Албанија (Драч) и Црна Гора (Бар) се врши транспортот по вода на кокаинот кој што доаѓа од Латинска Америка и преку земјите од балканскиот полуостров се дистрибуира до западна Европа, а дел останува тука и во регионот.

Според извештајот на ЕУ за проценка на закани за сериозен и организиран криминал, (Serious And Organised Crime Threat Assessment – SOCTA), Албанија претставува најголем производител на марихуана во Европа, а Мароко е најголем производител на хашиш, кој енаменет за Европа. Поголемиот дел од албанската марихуана се дистрибуира преку балканската рута по копно во западна Европа, а помал дел од оваа дрога е наменет за земјите од регионот. Според овој извештај вредноста од бизнисот со дрога изнесува најмалку 24 милијарди евра на годишно ниво.

(more…)