Општеството можеме да процениме дали е демократско или не во зависност од медиумите кои се присутни во него. Правото на слободно изразување во јавноста е нешто кое е неопходно за правилно функционирање на едно современо, демократско општество. Токму ова право најмногу се изразува преку медиумите и затоа кога се интересираме за тоа дали едно уредување е демократско или не, треба да го погледнеме начинот на работа на медиумите. Во некои држави медиумите имаат целосна слобода во говорот и во статиите кои ги пишуваат, додека во некои други држави, она кое го објавуваат медиумите е диктирано од страна на некоја партија, а можеби и самиот медиум е создаден за потребите на партијата и на крај ја имаме третата категорија на медиуми, оние кои се приморани да пишуваат во полза на власта за да избегнат казни или прогонство. Третата категорија не е присутна во демократските општества како што се САД и државите во Европа, па заради тоа повеќе ќе се сконцентрирам на првите две. Медиумите имаат за цел да ги информираат граѓаните за тоа што се случува на политичката сцена и да ги информираат актерите за желбите и ставовите на граѓаните. Тука јасно може да ја увидиме важната улога на медиумите за време на изборите и изборните кампањи.
Начинот на работење на медиумите во САД и Европа се исти. За време на изборната кампања тие спроведуваат анкети низ градовите со цел да се види кон кој кандидат гравитираат граѓаните, ги прикажуваат разните активности на политичките партии, нивните кампањи и изборни програми и веќе тука може да ги видиме тие разни типови на медиуми т.е. оние кои се симпатизери на некоја партија и ја нагласуваат повеќе и оние кои подеднакво ги прикажуваат сите партии. Фаворизирањето на медиумите на некои партии можеме да го забележиме во САД, каде Фокс Нус (Fox News) се конзервативни републиканци, додека MSNBC се либерални демократи и работите кои ги изјавуваат во јавноста се повеќе насочени кон нивните идеологии. Во однос на ова Еворпа не е поинаква. Да ги земеме за пример весниците во Велика Британија, доколку прочитаме неколку од нив веднаш ќе забележиме дека секој има некоја своја идеологија која ја следи и промовира повеќе, без оглед на тоа дали е „лева“, „десна“ или „централна“ политика. Според овие податоци доаѓаме до прашањето: „Дали склоноста на медиумите кон некоја политичка идеологија и нејзиното промовирање е демократско однесување?“ Секако, одговорот на ова прашање е: Не!
Ориентацијата на медиумите во една држава можат во голема мера да влијаат на одлуките на луѓето и исходот на самите избори. Земајќи предвид дека во современите општества луѓето не се занимаваат со политиката и кога се ближат деновите за избори, граѓаните, повеќе од веројатно не знаат за кого да гласаат. Во ваквите зачестени ситуации или тие ќе одлучат да не гласаат воопшто, или ќе се инфомираат преку медиумите за кого да гласаат. Склоноста на медиумите кон некоја идеологија може да има енормно влијание врз исходот на изборите. Понатаму, корумпираноста на самите медиуми игра доста важна одлука во исходот на изборите. Доколку на медиумите им е понудено мито од страна на некој политичар, поголемиот дел од нив ќе се согласат. Но, тука веќе треба и да се разгледаат причините за прифаќањето на такво нешто: прво, начинот на поставеноста на самиот медиум. Дипломатската поставеност овозможува целиот колектив да одлучи за разлика од хиерархиската поставеност која ја остава таа одлука на мал број лица; второ, финансиската состојба на медиумот и трето, уредувањето во самата држава.
При евалуација на овогодишните избори на САД беше доста очигледна корумпираноста на самиот општествен систем од каде е нужна и корумпираноста на медиумите. Скандалите кои се случија и испливаа на површина беа шокантни не само за популацијата на САД, туку и општо за населението во светот. Мораме да се запрашаме, дали работите кои ги видовме на медиумите во однос на тие „шокантни вести“ беа навистина реални случки, или пак само дел од некој вид манипулација од страна на политичарите? Ако тие индиректно влијаеле на населението да постира секакви видеа на интернет, како тие фрлаат во корпа за отпадоци ливчиња на некој кандидат и потоа медиумите го пренесуваат тоа до пошироките маси за гледаност и профит, дали тие медиуми се доверливи? Скандали од ваков калибар не беа очекувани од демократскиот систем на САД, земја која многу други ја земаат за пример, но од друга страна оние земји кои ја земале САД како примр за демократија, тоа можеби е и причина зошто тие земји се корумпирани и имаат политички настроени медиуми.
Во Европа, поконкретно во поголемите земји, не се забележани вакви случувања, меѓутоа фактот дека ние не сме ги забележале не значи дека тие не се случиле. Медиумите имаат улога при избирањето на кандидатие токму заради таа незаинтересираност кон политиката, која како болест се прошири низ сите региони и држави. На Балканот, нивото на корумпираност на медиумите и нивото до кое тие би се симнале за да добијат некој бонус е комичен, сепак медиумите во однос на ова прашање се исти без оглед каде и да одите. Клучна разлика помеѓу САД и Европа, која е доста присутна, е разликата во однесувањето на јавните личности. За време на изборите јавните личности во САД се поделени во начинот на кои тие ги мотивираат граѓаните да гласаат. Преку социјалните мрежи и лепезата од медиуми кои се нивни следбеници, славните ѕвезди или ги мотивираат граѓаните да не го фрлаат својот глас во вода и да го искористат или им кажуваат директно за кој кандидат да гласаат. Од тука повторно се среќаваме со игнорантноста на населението во однос на политиката кое максимално се искористува.
Лошата страна на медиумите, не само за класичните портали и весници, туку и социјалните медиуми како Инстаграм и Фејсбук им овозможуваат на сите, во било кое време едноставно да го искажат јавно своето мислење. Овозможуваат јавните, славните личности само со помош на нивните телефони на директен начин да влијаат на изборите. Пејачите, танчерите, актерите имаат особено влијание врз младото население, како нивна таргет група во комбинација со лошата едукација во однос на партиите и нивните кампањи и програми, доведува до победа на кандидат кој не мора да вложи ништо при промовирање на своите политички идеологии. Ова е нешто специфично само за САД бидејќи овој феномен на преголемо влијание на јавните ѕвезди, овозможено преку медиумите, е ретко застапено, можеби и воопшто не е во европските земји.
Медиумите имаат големо влијание во изборите во сопствените земји, но не треба да се занемари нивното влијание за време на избори во други земји. За време на кампањите на демократите и републиканците во САД, медиумите во Европа беа преплавени со вести за нивните кампањи, успеси, како и скандали поврази со нив и нивните семејства. Истото можеме да го забележиме во земји како Велика Британија, Германија и Франција. За време на нивните избори американските медиуми се преплавени во однос на нивната склоност кон одреден кандидат. Од ова доаѓаме до заклучок дека медиумите имаат влијание не само во нивните држави, туки и во странство и ова претставуваат голема безбедносна закана.
Со развојот на технологијата се создаде простор за слободно изразување на социјалните мрежи каде секој го изразува својот став без оглед каков е и во однос на која тема е. Редоследно на ова е дека секој човек може да создаде свој блог, весник, организација, клуб, медиум, профил на социјална мрежа и слично. Безбедносната закана произлегува токму од ова право на слободно изразување преку медиумите и технологијата. Човек поттикнат од револт, нервоза, фрустрираност може за неколку минути да создаде „лажна вест“ (Fake news). Лажните вести постоеле отсекогаш, но со појавата на социјални медиуми нивната појава е зачестена. Некој со голем број на следбеници на некоја социјална мрежа, весник со голема читаност, медиум кој има било каква склоност кон некоја партија може да измисли, да создаде колумна или пак шокантна вест за опозициската партија со цел неговата партија да добие некој глас повеќе. Лажните вести можат да бидат опасни и да влијаат врз исходот на тоа кој ќе биде победник, а кој губитник и се присутни во и надвор од самата држава.
Според горенаведеното, можеме да заклучиме дека не постои разлика во влијанието на медиумите во САД и во Европа. Во светот постојат безброј медиуми кои се однапред партиски предодредени, хиерархиски поставени наместо демократски, корумпирани и подмитени. Сепак, не можеме да ги заборавиме медиумите кои се целосно неутрални без оглед колку и да се тие ретки. Медиумите имале, имаат и ќе имаат влијание врз исходот на изборите, неважно е за кој дел од земјината топка станува збор, но тие ќе имаат влијание онолку колку што ние им дозволуваме. Како граѓани им оддаваме важност на корумпираните, продадените медиуми и лажните вести и поради ова главна цел на земјите во САД и Европа треба да биде намалување на нивната корумпираност и лажните вести и покренување на свеста на граѓаните и нивна едукација во однос на политиката.