Современата безбедност е комплексно прашање. Современиот безбедносен концепт мора да биде флексибилен и насочен кон дефинирањето на ризиците и заканите врз безбедноста не само на целото оштество, туку и врз самата единка (индивидуална безбедност). Безбедносната култура на овие индивидуи има за цел пред сè зачувување на вредностите во едно општество, притоа оправдувајќи ја својата превентивна улога.
Меѓу основните столбови на кое се потпира секое општество се јавуваат младите, гледајќи на нив како на “материјал” кој што треба да го одржува тоа општество и во иднина да го води низ современите предизвици. Да напоменеме дека во Република Македонија, под поимот млади подразбираме лица од 15 до 29 годишна возраст. Меѓутоа не може, а да не се спомене врската на младите со интернетот. Неминовно е дека дигитализацијата, интернетот, социјалните мрежи и нивната експанзија, ги заменуваат весниците, радиото и ТВ. Брзиот, лесен и едноставен пристап до информации, содржини и услуги, на младите им сервира нов систем на вредности. Традиционалните норми и вредности се заменуваат со нешто ново и непознато. Изобилието од алатки и апликации на социјалните мрежи на младите им овозможува да создаваат нов начин на дружење со некој т.н. виртуелен познаник. Преку прикачувањето на слики, откривањето на лични податоци и други информации за себе, може да доведе до некоја потенцијална опасност. Со помош на тие активности, често пати младите можат да бидат врбувани и искористени кон некоја нелегална и сомнителна активност , како на пример трговијата со луѓе. Во овие случаеви, регрутниот центар е затскриен зад некоја модна агенција, make up салони, бебиситерски агенции и сл. Во САД забележано е дека како посредник со регрутниот центар се јавува самата црква.
Online grooming или интернет врбувањето од страна на терористички групи, е сериозна закана за оваа категорија на лица. Најчесто се користени messaging apps, teen-dating apps, па се до некои платформи за игри.
Како нови форми, не толку екстремно криминализирани, а со доволно јака деструктивна моќ кон уништување на безбедносната култура, а со тоа индиректно и врз идната стабилност на безбедносниот систем, преку начинот на креирање на младина без безбедносна култура, се т.н. јутубери, инфлуенсери и тиктокери. Со својот животен стил и начинот на однесување имаат силно влијание врз младите. Некои во нив гледаат идоли, кои ги копираат и објавуваат слични содржини, а други пак се обидуваат на ист таков начин да создадат свој нов правец.
Но, нажалост негативното влијание, омаловажување, пцуење, исмевање и сл. е се поприсутно. Замислете како дете од 8, 9 или 10 години, го гледа својот јутубер како пцуе и омаловажува друга личност и какво влијание би имало тоа врз него. Се разбира дека тој начин на однесување ќе го прифати како позитивен. Секако дека има и млади кои што мислат поинаку и прават разлика меѓу добри и лоши намери, корисни и банални содржини.
На овој начин во општеството се создава младина со нова димензија, која што е веќе подготвена за отстапување од некои вредности и идеализирање на нов правец на асоцијални девијации. Еклатантни примери се ,, предизвици – video challenge ‘, од каде што добиваме луцидни слики за однесувањето на младите низ дигиталниот свет и за тоа како се пропагираат и афирмираат нови неморални правци преку домино ефект. Статистиката покажува на високи бројки на корисници на Outlet/penny challenge, Blue Whale challenge, Cutting challenge, Drinking challenge, Passout game и.т.н., каде што крајните резултати се производство на резигнирана младина, се до степен на самоубиство.
Во тој контекст не треба да се изостават и видео игрите, кои што изобилуваат од насилие, убиства, кражби и сл. – крајна цел потенцијален – lone wolf.
Кон сето тоа, безбедносната култура би имала за задача да изврши ревитализација и корекција на актерите на You Tube- сцената, бидејќи станува опасна мрежа во процесот на градење на личноста. Имајќи за цел, избегнување и отстранување на опасностите и зачувување на загрозените вредности, безбедносната култура треба да обезбеди алтернатива што ќе го надмине гореопишаното негативно влијание на интернетот и социјалните мрежи врз младите.