Center for Security Research Колумни Криминалот и неговиот профит од корона кризата

Криминалот и неговиот профит од корона кризата

Тамара Митковска

Од декември, па се до денес се соочуваме со болест која го затекна светот од ненадеж. Пандемијата предизвика економско-општествена криза која го оттргна вниманието на властите од криминалот. Полицијата и војската се користеа при спроведување на карантинот, голем број бизниси пропаднаа и многу работни места беа загубени. Болниците беа, а и сеуште се преплавени со пациетни за кои нема лек, а оние кои патат од други болести останаа речиси и занемарени. Овој сплет на околности е идеален за пораст на активностите на криминалот ширум светот.

Во целокупната ситуација во која се наоѓаме, се запрашуваме каде се тука дополнителните активности на полицијата во време на пандемијата? Тие до сега  вклучуваа спроведување на полициски час, како и спроведување државен карантин, почитување на решенија за самоизолација, поддршка на персоналот од јавноздравствените установи во утврдување на контактите на заразено лице, посебни задачи и одговорности на граничните полициски службеници итн. Повеќе од јасно е дека овие дополнителни активности носат дополнителен, но и многу голем товар на и така растегнатите ресурси.

Во сета оваа трка со време кога секоја информација поврзана со корона вирусот вреди злато, полицијата покрај оваа нова и енормно побарувачка улога и натаму мора да ја извршува и својата основна улога.Таа одржува ред и мир и покрај непрекинатата борба со криминалот и корупцијата, а сега функцијата се прошири и на спроведувањето на мерките на државата.

Спроведувањето на карантинот предизвика ослабнување на економијата во многу земји. Приходите на населението се преполовени или целосно скратени и истото е принудено да се обрати до алтернативни извори. Истовремено, властите не ги спроведоа соодветните мерки навремено инемаат доволно ресурси за да обезбедат соодветна економска помош. Во многу случаи криминалните групи ја експлоатираат оваа ситуација.

Но, криминалните групи кои имаат влијание врз населението и власта, ја искористија ситуацијата да играат голема улога и при справување со кризата. Групите кои до пред кризата немаа некое забележително влијание се стекнуваат со истото поради економските и социјалните последици од пандемијата.

Во Италија, припадници на „Коза Ностра“ дистрибуираа храна до населението во Палермо, а семејствата „Камора“ во Неапол  им обезбедиле основни намирници на луѓето преку лажни добротворни организации.

Картелите „Синалоа“, „Халиско“, „Лос Дуранго“, „Лос Виаграс“ носеа храна и стредства за дизинфекција на териториите под нивно влијание. Лос Виаграс дури и ги промовираа своите дела преку постирање видеа каде вооружани лица дистрибуираат намирници, додека други картели го ставаа своето лого на пакетите кои ги испорачуваа.

„Јакуза“ во Јапонија го правеа истото како и остатокот организации во светот, со цел да ја зголемат својата репутација. Приврзаници пак на „Јамагучи-Гуми“ раздаваа тоалетна хартија и маски до градинките и аптеките. „Јакуза“ исто така понудија да го дизинфицираат  „DiamondPrincess“бродот за крстарење на кој имаше 705 позитивни случаи на COVID-19.

Организациите во Африка ги оставија своите ривалства настрана, со цел да помогнат на населението во Кејптаун.

Покрај зголемувањето на својата репутација и засилување на своето влијание, бројот на членови на криминални групи започна да расте. Зголемениот број на невработени и затварањето на училиштата доведе до голем број на луѓе кои се во потрага по ново работно место. Поради ослабнатата економија населението е принудено да бара вработување надвор од рамките на легалното.  Децата повеќе не одат на училиште, библиотеките, центрите за млади се затворени и со тоа се зголемуваат шансите за нивно регрутирање.

Некои криминални групи како оние во Бразил, ја искористија својата моќ за контрола на цените на производите. Па така, цените за дизинфекција и маски значително беа покачени.  Тие го имаа наметнато дури и полицискиот час, а  истото го сторија и групите во Талибан за патниците од Иран.

Пренасочувањето на вниманието на полицијата на други задачи доведе до зголемено производство и на канабисот. Благодарение на забраните за движење цената на марихуаната е зголемена. Ова може да го забележиме во Србија, каде беа пронајдени поголемо количество стебла марихуана во фабрика за бојлери, но и во Македонија каде беазапленети околу 48 килограми дрога. По започнувањето на корона кризата бројот на ваквите случаи на Балканот се многу побројни од вообичаено.

Искористувајќи ја тешката економска ситуација, криминалните групи ги проширија своите активности и во насока на откуп, за мали суми, на банкротираните мали и средни претпријатија, поточно кафе баровите и ноќните клубови кои потоа ги користат за перење пари. Тие се снаоѓаат во ваквата ситуација па на ваквите фирми кои се наоѓаат во тешка финансиска ситуација им нудат позајмици со високи каматни стапки или ги преземаат целите фирми. 

При онлајн настанот организиран од страна на Центарот за безбедносни истражувања, а кој се однесуваше на влијанието на коронавирусот за зголемување на нападите во сајбер просторот беа потенцирани најчестите тактики за вршење и на сајбер напади.

Во тој контекст, но и според извештаите на Европското полициско биро при Европол, како резултат на пандемијата предизвикана од коронавирусот, значително се зголемени криминалните активности, кои оваа криза ја користат за личен профит, при што криминалците многу брзо се прилагодуваат на новите услови и пронаоѓаат нови начини на заработка, а интернетот е нагласен како често место за вршење злосторства, бидејќи стана главно оружје за живот, односно за вршење работни активности од дома, но и за купувања во земјите каде на сила е ограничено движењето.

Покрај разните начини за манипулација, како обидите за собирање доверливи податоци и информации за физички и правни лица, со цел остварување финансиска корист, корона кризата ја отвори вратата и за педофилите, користејќи им во прилог фактот што поради посебните услови децата се сé повеќе дома и се чувствуваат осамено. Тие поголемиот дел од времето го поминуваат дома поради онлајн наставата, а пак социјалните мрежи кои ги користат за комуникација со своите пријатели ги прави совршена мета за сајбер-педофилите.

Според извештаите на Европол, бројот на педофили кои ги примамуваат децата на социјалните мрежи се повеќе расте, користејќи ја зголемената ранливост на децата. Педофилите ја користат таа ситуација да стапат во контакт и да остварат доверлив однос со што би ги наговориле на разни постапки, од размена на фотографии до значајно продлабочување на нивниот „однос“. Засилувањето на влијанието и работата на организираните криминални групи за време на криза не е нешто надвор од рамките на нормалното. Власта не може да се справува со економската криза, ударот на здравствениот систем, задоволувањето на потребите на населението и контролата на криминалната активност истовремено. Приоритетот во едно вакво сценарио се населението, заболените и економијата, а криминалот е делумно  занемарен. Поради сето ова, корона кризата претставува збир на совршени услови за постигнување на посакуваните цели на една криминална група. За таа цел, покрај напорите во борбата против сите овие облици на криминал, потребно е посебен акцент да се стави на превентивното делување, а со тоа и подигнување на јавната свест кај луѓето за овие криминални облици. Со тоа, барем во одреден процент би се зголемила нивната заштита, општествената безбедност, а би се дал и особен придонес во намалувањето на сивата економија.

Related Post

Колумна на д-р Александар Нацев – „Пропаганда- или битка за срцата и умот на граѓаните“Колумна на д-р Александар Нацев – „Пропаганда- или битка за срцата и умот на граѓаните“

д-р Александар Нацев

Последниве неколку месеци, како последица на политичките случувања во Република Македонија, многу често се користат термините пропаганда и пропагандна кампања во секојдневните говори на политичарите, во новинарски текстови, во големиот број дебатни емисии, но и во меѓусебните разговори помеѓу обичните граѓани. Ако се погледнат различните контексти во кои се споменува пропагандата во нашето општество, ќе се забележи дека најчесто таа се доживува како негативна појава и како алатка за да се убедат луѓето да постапат во одредена ситуација и да изберат како ќе рационализираат, постапат или го дадат својот глас на одредено гласање. Во друг контекст, пропагандата се гледа како помошна алатка во одредени информативни кампањи кои треба да ја информираат јавноста за одредени аспекти или гледишта.

(more…)

Изборни стратегии и изборен менаџментИзборни стратегии и изборен менаџмент

Мартин Стојановски

Изборите се процес преку кој народот (односно гласачите) им го доверуваат извршувањето на политичка власт на политичарите и ги овластуваат политичарите да управуваат со државата во нивно име. Токму затоа, слободно може да се каже дека изборите се извор и темел на легитимитетот на целокупниот систем на државна власт. Заради тоа, политичките партии или независните кандидати кои се учесници во еден процес, мораат одлично да го познаваат овој процес, да имаат развиено уникатни методологии и стратегии, и да имаат детално разработени планови и сценарија како да ја остварат својата зацртана цел, а тоа е да убедат колку што може повеќе гласачи дека програмата која ја нудат е вистинската и дека е во нивен интерес да им го дадат својот глас токму на нив. Или накратко кажано, да имаат соодветна изборна стратегија и да имаат добар изборен менаџмент во својата изборна кампања.

(more…)

За стратегијата и политичкиот интелектЗа стратегијата и политичкиот интелект

Александар Нацев

Современото политичко дејствување мора да се прилагоди на начините на функционирање на современите општества и интерните динамики на тие општества, со цел да одговори на променливите предизвици кои се поставуваат пред секоја организирана политичка групација (политичка партија, политичко движење и сл.). Оваа теза веќе нашироко се апсолвира во најсилните светски држави и детално се разработува, за што сведочи и појавата на терминот политичко војување (political warfare). Самиот овој термин претставува продолжување на низата на класификација на различните видови на водење војна, која се води во различни домени (хибридно војување, асиметрично војување, специјално војување, сајбер војување, психолошко војување итн.) и има симболично значење кое укажува дека политиката е всушност едно широко бојно поле, на кое треба да се војува со противникот со сите достапни методи и со користење на сите тактики и техники, за да се постигне конечната цел. Па така, политичкото дејствување (војување) мора да биде методолошки осмислено, добро испланирано и дициплинирано извршено. Тоа значи дека политичката партија (која војува) мора да поседува ресурси и капацитети кои ќе ги спроведат плановите и тактиките, на начин кој е најмалку ризичен, најекономичен и реално остварлив.

(more…)