Center for Security Research Колумни Зошто ни е потребна силна Армија?

Зошто ни е потребна силна Армија?

Александар Нацев

Една од главните обврски на секоја Влада е да ги заштити или одбрани своите граѓани и својата држава. По пристапувањето во војска или на Воена академија, сите идни војници или питомци даваат свечена заклетва дека ќе ја бранат сувереноста, независноста и територијалниот интегритет на нашата татковина, Република Македонија. Оваа заклетва не смее да се сфати како само зборови напишани и потпишани на бел лист, туку треба да биде доживотна обврска за секој оној кој ја кажал на глас во присуство на своите најблиски и своите идни колеги и старешини. Како заклучок од ова, се наметнува дека главната мисија на нашата армија е да ја одбрани татковината, а со тоа и сите нејзини граѓани. Ваквата одбрана може да значи одвраќање на потенцијалните агресори, кое ако не успее, се преминува кон војување и добивање на војната. Ова е базичниот принцип врз кој треба да се води дебатата за улогата на армијата во целокупниот државен мозаик.

Меѓутоа, овде сакам да развијам една теза дека и покрај тоа што потребата за силна Армија или силна национална одбрана започнува со добивањето на војни од секаков вид, улогата на силната национална одбрана не завршува овде. Постојат уште неколку улоги, освен кинетичката, која ја позиционира армијата да биде важна алатка во државниот арсенал. На пример, силна и добро обучена армија, која е докажана во борбени дејствија, меѓународни операции и хуманитарни мисии е причина за државата да ужива почит кај своите регионални и глобални партнери. Силната национална одбрана значи и мир и стабилност за државата, што пак од економска перспектива може да ги убеди потенцијалните странски инвеститори дека нивната инвестиција ќе биде безбедна. Сознанието дека системот за национална одбрана е подготвен и соодветно опремен и модернизиран има и двоен ефект врз моралот и на припадниците на армијата, но и врз моралот на обичните граѓани. Доколку обичните граѓани имаат доверба во својата Армија, во нејзината сила и функционалност, ќе имаат повеќе почит кон неа, и полесно ќе се одлучуваат да пристапат кон Армијата во мир, но и во војна. Од друга страна, ако војниците се сигурни, опремени и обучени за својата работа, имаат одличен старешински кадар и поддршка од јавноста, ќе бидат мотивирани при извршувањето на своите задачи во мир, но и во војна. Ова се логични претпоставки, кои многупати, во многу случаи се покажале како точни.

            Да ги погледнеме сега обратните претпоставки. Доколку имаме слаба и необучена армија која потфрлила на меѓународен план, нашата држава ќе служи за потсмев. Доколку имаме слаба национална одбрана, од економски план не сме толку привлечни. Доколку војската е демотивирана и без морал, бидејќи нема основни услови за работа и слаб раководен кадар, нема да се покаже во борба, а гледајќи го сето ова, и обичните граѓани би изгубиле доверба во армијата и би избегнале пристапување кон неа во мир, но и во војна.

            После сето ова, кристално јасно се наметнува заклучок дека системот за одбрана мора да се одржува и да се унапредува постојано, и дека силната национална одбрана треба да биде еден од приоритетите на секоја одговорна Влада која претендира да се грижи за животот и добросостојбата на своите граѓани, но и за иднината на својата татковина.

Related Post

Aктите на терор – тест за националната безбедност на ФранцијаAктите на терор – тест за националната безбедност на Франција

Игор Николоски

Деновиве сме сведоци на уште еден чин на терор извршен врз цивилното население во Европа. Франција уште еднаш се соочува со грдото лице на тероризмот, кое секој нареден пат сее се поголем страв и влева несигурност во индивидуата, како креатор на современото општество.

Тероризмот е асиметрична  безбедносна појава која од ден на ден  покажува дека неговиот дијапазон на делување е со размер поголем од размислите и превентивното делување на безбедносните служби. Судирот на аномијата на правила на Емил Диркем пресликана преку призмата на безбедностите системи во корелација со тероризмот, ја дава моменталната слика на одговорот кој го пласирааат државните  безбедносни апарати. Како по клуч со синтагмата дека “….Историјата се повторува….“, теророт се користел уште од многу одамна во човечката историја. Соградењето на големите империи преку разни акти на насилство, ликвидации се со цел да се држи во послушност и постојан страв целокупното население.

(more…)

Обезбедена или необезбедена безбедност -За потребата од безбедносна проценкаОбезбедена или необезбедена безбедност -За потребата од безбедносна проценка

Дарко Мирчески

Прекршувањата на правилата и споровите меѓу луѓето секогаш постоеле и ќе постојат, а судот е органот што одлучува за правдата во такви ситуации. Судот е институција која според принципот на поделба на власта, ја извршува судската власт. По својата природа на делување, секојдневно се наоѓа во ситуација да прима и услужи голема фреквенција на странки, вклучувајќи престапници и сторители на потешки кривични дела. Со цел заштита на имотот, редот и мирот, како и животите на сите присутни, е воведена посебна служба која се грижи за целокупната безбедност, наречена судска полиција.

(more…)

Влијанието на медиумите врз изборите во САД и во ЕвропаВлијанието на медиумите врз изборите во САД и во Европа

Тамара Митковска

Општеството можеме да процениме дали е демократско или не во зависност од медиумите кои се присутни во него. Правото на слободно изразување во јавноста е нешто кое е неопходно за правилно функционирање на едно современо, демократско општество. Токму ова право најмногу се изразува преку медиумите и затоа кога се интересираме за тоа дали едно уредување е демократско или не, треба да го погледнеме начинот на работа на медиумите. Во некои држави медиумите имаат целосна слобода во говорот и во статиите кои ги пишуваат, додека во некои други држави, она кое го објавуваат медиумите е диктирано од страна на некоја партија, а можеби и самиот медиум е создаден за потребите на партијата и на крај ја имаме третата категорија на медиуми, оние кои се приморани да пишуваат во полза на власта за да избегнат казни или прогонство. Третата категорија не е присутна во демократските општества како што се САД и државите во Европа, па заради тоа повеќе ќе се сконцентрирам на првите две. Медиумите имаат за цел да ги информираат граѓаните за тоа што се случува на политичката сцена и да ги информираат актерите за желбите и ставовите на граѓаните. Тука јасно може да ја увидиме важната улога на медиумите за време на изборите и изборните кампањи.

(more…)