Center for Security Research Истражувања Без ефикасен надзор – до повторување на историјата

Без ефикасен надзор – до повторување на историјата

Филип Павловски

Сите добро знаеме дека безбедносниот сектор е еден од најчувствителните и најкритичните области на делување во рамките на една држава. При извршувањето на своите работни задачи, безбедносните служби честопати користат најразлични методи и средства со што може да се доведе до злоупотреба на власта и кршење на човековите права и основни слободи. Затоа, надзорот врз работата на овие служби претставува еден од најголемите предизвици на сите демократии, а особено за оние помали држави кои своите долгорочни цели ги насочуваат кон исполнување на европските стандарди и политики. Имено, секоја држава има тенденција кон заштита на своите граѓани од најразлични закани и обезбедување нивна сигурност и нормален начин на живот со тоа што ќе пронајде решение за сè побројните и поразновидни закани за безбедноста, а истовремено да обезбеди и соодветен надзор над безбедносно-разнузнавачките служби. Иако, нашата земја успеа да избегне некои поголеми војни како тие што се случија во останатите републики од регионот и успеа да дојде до независност по мирен пат, сепак, предизвиците на безбедносен план се огромни.

Некои од овластувањата кои ги имаат безбедносните и разузнавачките служби се однесуваат на прислушувањето, примањето, снимањето и следењето на разговорите, телекомуникацијата, како и пренос на податоци во внатрешноста на една земја или во странство. Вршење таен надзор, следење информации, вршење претреси на затворени простории, упади во имот, пристап до сите места за инсталирање на најразновидна опрема за набљудување, прибирање финансиски информации за поединци, како и регрутирање и управување со тајни човечки ресурси. За таа цел, во рамките на извршувањето на своите работни задачи, овие служби мора да работат во тајност и имаат моќ во користење посебни овластувања кои се од голема суптилност, па затоа честопати доаѓа и до прекршување на човековите права и слободи. Токму поради широкиот дијапазон на суптилни работни задачи, безбедносните и разузнавачките служби неретко се гледаат со доза на сомнеж и недоверба од страна на пошироката јавност, а сето ова доведува до потреба од поголема нивна законитост и легитимност, како и отчетност при работењето. Разузнавачките и безбедносните служби ја имаат највиталната улога во одржувањето на безбедноста во една држава и природата на нивните активности наметнува кршење на законските норми и човековите права. Оттука, без ефикасната контрола и надзор, не би можело да се гарантира дека овие служби им служат на националните интереси и дека работат во согласност со Уставот и законите. Имено, овие служби наместо да бидат главните заштитници од безбедносни ризици и закани, тие би можеле да се класификуваат како главни генератори. Затоа, надзорот е важен, за да го вратат својот кредибилитет и да го зацврстат своето место во едно демократско општество.

Најеклатантен пример за потребата од зајакнување на ефикасноста на контролата и надзорот врз безбедносните, и пред сè врз разузнавачките служби и да се одбегне злоупотребата на своите овластувања, е аферата со прислушувањето која се случи во нашата земја. Овој, како што го нарекуваат често „драматичен македонски пример“ на масовно незаконито прислушување беше само еден од индикаторите на сериозна политичка криза во Македонија. Имено, со незаконитото прислушување се покажа само огромна злоупотреба на моќ која беше сконцентрирана во рамките на една институција, а како последица, произлезе од сериозното непочитување на механизмите за соодветен надзор и контрола.

Оние кои се подобро упатени во безбедносната сфера, знаат дека во нашата земја двете најважни служби се Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање. Агенцијата за национална безбедност е формирана поради заштита на националната безбедност, односно поради заштита на независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните права и слободи на граѓаните, и тоа како самостоен орган на државната управа во својство на правно лице. Контролата на Агенцијата за национална безбедност се врши пред сè во нејзината внатрешност и опфаќа оценување на законитоста и почитување на професионалните стандарди до кои треба да се придржуваат нејзините вработени, контрола на примената на овластувањата кои ги поседуваат, контрола при користењето и употребата на огненото оружје, контрола на ризици од корупција, оценување на користењето на материјално-техничките средства и слично. Додека пак, надзорот над Агенцијата се врши најчесто преку Собранието непосредно или преку работни тела во негов склоп, народниот правобранител, Државниот завод за ревизија и други надворешни тела. Кога станува збор пак за Агенцијата за разузнавање, таа е посебен орган на државната управа и е надлежна за собирањето на податоци и информации кои се од значење за безбедноста и одбраната на нашата земја и за нејзините стопански, политички и останати интереси. Агенцијата врши посебни истражувања и анализи на сите прибрани податоци и информации и за тоа ги известува претседателот на државата, нејзината Влада и други државни органи од соодветниот делокруг на работење. Надзорот над работата на Агенцијата за разузнавање го врши исто така Собранието преку соодветна Комисија за надзор и контрола, а се однесува на законитоста во извршувањето на работните задачи, нивната ефикасност и рационалното трошење на буџетските средства.

Но, после сето ова наведено, се поставува прашањето: Дали во надзорот над работењето на безбедносните и разузнавачките служби, своја позиција треба да заземе и таканаречениот граѓански сектор, која би била неговата улога и врз основа на тоа, кои ќе бидат и ефектите во понатамошното функционирање на службите?

Она што може да се каже најпрвин, е дека граѓанскиот надзор и не е некоја практика која може да се забележи во земјите, особено на оние од регионот и претставува еден чекор понатаму во утврдувањето на легитимноста, законитоста, отчетноста и одговорноста од страна на разузнавачките служби. За првпат, граѓанскиот сектор доби свој увид во функционирањето на службите при формирањето на Советот за граѓански надзор, кој требаше да врши одреден надзор над процесот за следење комуникации, но евидентно е дека тој Совет воопшто не профункционира и неговите членови јавно изјавија дека не се воспостави практика за негово функционирање и дејствување. Овој процес на барање решение за граѓански надзор врз работата на разузнавачките служби не смее да застане овде и повеќе од потребно е да се пронајде успешната формула за негово канализирање во работата на службите. Од друга страна, исто така е многу важно тој граѓански надзор да не резултира со намалување на ефективноста на работа на службите или да има објавување детали од нивната работа во јавност, со што би се деконспирирала нивната работа и би се соочиле со нивна нефукционалност. Затоа е потребен внимателен и студиозен пристап кон изнаоѓање на оптималната стратегија за вклучување на граѓанското општество во процесот на контрола и надзор на безбедносните и разузнавачки служби.

Трудот е оригинално објавен во рамките на проектот Платформа за граѓански мониторинг на безбедносните агенции.

Related Post