Center for Security Research Колумни Колумна на м-р Александар Трајковски – „Анализа на карактеристиките на левичарскиот и десничарскиот тероризам“

Колумна на м-р Александар Трајковски – „Анализа на карактеристиките на левичарскиот и десничарскиот тероризам“

м-р Александар Трајковски

Несомнено е дека идеологиите, како такви, отсекогаш имале енормно и пресудно влијание во историјата на човекот. Како резултат на тоа, истите директно и/или индиректно ги предопределуваат конструктивните или деструктивните акции кои (ќе) ги презема човекот. Со други зборови, идеологиите претставуваат моќна и клучна алатка! Алатка која има огромен потенцијал да влијае како стимулациски механизам, односно да го придвижува и определува правецот на движење на човештвото и неговите креации (државите, монархиите, кнежевствата, покраините итн.).Меѓутоа,во контекст на ова, идеологиите со нивното влијание не ги одминаа дури ни на терористичките организации и терористите-поединци, па дури ни на суверените државни актери кои јавно и/или прикриено го поддржуваат, спонзорираат или, пак, имплементираат тероризмот на домашен терен и/или во меѓународни рамки.

            Левичарскиот тероризам (ултралевичарскиот, квазиреволуционерниот, „црвениот“ тероризам) својот голем подем го доживува во седумдесеттите години на 20 век, а во почетокот на 21 век тој е речиси минато. Идеологијата на левичарските терористи е под силно влијание на марксизмот и на други социјалистички и комунистички мисли. Па според тоа, тој во литературата може да се препознае и под термините:„марксистичко-ленинистички“, „револуционерен“ тероризамитн. Како еден од факторите на борбено загрозување, тој не може реално да ја загрози безбедноста на една држава на генерален план, но може да и создаде големи проблеми, да загрози бројни човечки животи и уништи значајни материјални добра. Левичарските терористи настојуваат да целат на згради и владини структури, кои го претставуваат капитализмот, или да изведуваат атентати на претседатели на влади и капиталисти. Најчесто со една и единствена намера, а тоа е насилна смена на постоечките (главно „капиталистичките“) демократии и политики во државите со етаблирање на „нови влади“ кои ќе владеат, односно функционираат исклучиво на социјалистичка, комунистичка, марксистичка, марксистичко-ленинистичка, маоистичка, пролетеријатска,работничка (народна)или друг облик на истородна основа, или, пак, ќе претставуваат еден своевиден микс (од сите или дел) од претходно споменатите, а во коишто главен акцент, пред се, ќе биде ставен на пролетеријатите и/или на работничките класи.Современиот квазиреволуционерен тероризам има потреба идеолошки да се базира и на анархизмот, најчесто заради проценката дека револуцијата во Западна Европа невозможно е да се изведе според марксистичките „обрасци“, а тоа го потврдува крахот на социјализмот во светот. Сосема е разбирливо дека анархизмот заради стратегиите на директните акции им одговарал на сите левичарски групи и организации во Западна Европа кои, зарадиволунтаризмот и нетрпеливоста, се определувале за патеките на индивидуално политичко насилство, без обврската да се потпираат на масите, како и патеките кои треба да доведат до општествена револуција.

            Спротивно, пак, од левичарскиот, десничарскиот тероризам има сосема поинакви карактеристики по коишто тој е препознатлив. Десничарскиот тероризам скоро секогаш е во спрега со некои од конзервативните држави и претставува вентил за придушените фашистички страсти. Доминантни идеологии и уверувања за овој тип на десничарски екстремисти се: антикомунизмот, (нео)фашизмот, (нео)нацизмот, расизмот, сексизмот, етноцентризмот, антисемитизмот и др. Што се однесува, пак, до фобиите, најчесто застапени се следните:ксенофобијата, албофобијата (страв од белци) или негрофобијата(страв од црнци), религиската нетолеранција, нетрпеливост и нерасположение изразувани спрема спротивните религии (изразувани, како на пример, како христијанофобија, исламофобија, јудеофобија и преостанатите облици на вакви фобии кои егзистираат помеѓу нив) итн. Кај нив може да се забележи, не само изразување на нерасположение воопшто спрема доселеничките (имигрантските) групи и населенија, туку и незадоволство во однос на „либералните“ имигрантски политики кои ги водат нивните матични земји.Суштествена особиназа ваквиот калибар на ултрадесничарски екстремисти е и супериорноста (претежно националната, религиската, расната, културната и др.) во однос на другите. Но, исто така, имаат тенденција и на маргинализација и обезвреднување на „останатите“ кои не се од нивните редови, особено оние кои делат спротивни гледишта, ставови и уверувања и/или се со спротивна национална, етничка, религиска, расна, сексуална и/или друг облик на припадност. Додека, пак, себеси (како што е претходно споменато) не само штосе самопрокламираат како супериорни и правични во однос на преостанатите, туку и се длабоко убедени дека се (зачекорени) на вистинскиот пат и дека нивните терористички акции се оправдани и ги изведуваат за многу повозвишени цели.Кај поголемиот дел од нив може да се забележи и присуството на носталгија, особено ако се изгубени или, пак, се со тенденција на нагло или етапно, изумирање или изобличување на традиционалните вредности и обичаи, култура и/или религиски практики (главно во нивите матични земји, но и во земјите во кои тие се доселеници и играат доминантна малцинска улога). Поради тоа, тие тежнеат, преку преземање на работите во свои раце, да ги повратат на истите (по можност и да ги наметнат на другите), па дури и да ги постават на многу повисоко ниво за да можат да бидат зачувани и многу подобро негувани. Воедно, суштествен елемент за овие екстремисти е и фактот дека целат кон формирање на „чисти средини“, кои ќе бидат образувани од групи, односно населенија кои ќе негуваат една иста националност, етникум, религија, раса, култура, обичаи и вредности и сл.

Продолжува

Related Post

Изборни стратегии и изборен менаџментИзборни стратегии и изборен менаџмент

Мартин Стојановски

Изборите се процес преку кој народот (односно гласачите) им го доверуваат извршувањето на политичка власт на политичарите и ги овластуваат политичарите да управуваат со државата во нивно име. Токму затоа, слободно може да се каже дека изборите се извор и темел на легитимитетот на целокупниот систем на државна власт. Заради тоа, политичките партии или независните кандидати кои се учесници во еден процес, мораат одлично да го познаваат овој процес, да имаат развиено уникатни методологии и стратегии, и да имаат детално разработени планови и сценарија како да ја остварат својата зацртана цел, а тоа е да убедат колку што може повеќе гласачи дека програмата која ја нудат е вистинската и дека е во нивен интерес да им го дадат својот глас токму на нив. Или накратко кажано, да имаат соодветна изборна стратегија и да имаат добар изборен менаџмент во својата изборна кампања.

(more…)

НАТО и Кина – релација која допрва ќе се развиваНАТО и Кина – релација која допрва ќе се развива

доц д-р Александар Нацев, Извршен Директор на ЦБИ

На состанокот на НАТО во формат Шефови на држави и влади, одржан во Лондон во декември 2019та година, лидерите на земјите членки побараа од Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг да стартува еден процес кој треба да даде визија за иднината на НАТО и за зајакнување на политичката димензија на Алијансата. За да ја оствари оваа цел, во април 2020та година, Генералниот Секретар на НАТО формираше независна Истражувачка Група, и ја задолжи Групата да му достави препораки за неколку области, кои се круцијални за НАТО и неговото постоење. По екстензивни консултации во и надвор од НАТО, со кои беа опфатени научници, лидери од бизнис и технолошкиот сектор, пратеници, воени претставници и владини претставници од сите 30 земји членки, најголемиот дел на земјите партнери, и бројни меѓународни институции, Групата му го презентираше на Генералниот Секретар својот финален извештај, насловен НАТО 2030: Обединети за нова ера.

Одредени извадоци од овој извештај, кои беа претставени во светските медиуми, беа фокусирани на Кина, држава за која НАТО Алијансата немаше формални дискусии до пред една година. Во една своја дискусија за Извештајот НАТО 2030, поранешниот американски дипломат Вес Мичел, кој беше и еден од ко-претседавачите на Истражувачката група, ќе изјави „Русија останува примарната воена закана за Алијансата во догледна иднина, но подемот на Кина во овој момент е најголемата и најважна промена во стратешката околина на НАТО и претставува нешто на што Алијансата мора да се посвети“. Во Извештајот, Групата ја советува Алијансата „да посвети многу повеќе време, политички ресурси и акција во однос на безбедносните предизвици кои доаѓаат од Кина“.

(more…)

Влијанието на медиумите врз изборите во САД и во ЕвропаВлијанието на медиумите врз изборите во САД и во Европа

Тамара Митковска

Општеството можеме да процениме дали е демократско или не во зависност од медиумите кои се присутни во него. Правото на слободно изразување во јавноста е нешто кое е неопходно за правилно функционирање на едно современо, демократско општество. Токму ова право најмногу се изразува преку медиумите и затоа кога се интересираме за тоа дали едно уредување е демократско или не, треба да го погледнеме начинот на работа на медиумите. Во некои држави медиумите имаат целосна слобода во говорот и во статиите кои ги пишуваат, додека во некои други држави, она кое го објавуваат медиумите е диктирано од страна на некоја партија, а можеби и самиот медиум е создаден за потребите на партијата и на крај ја имаме третата категорија на медиуми, оние кои се приморани да пишуваат во полза на власта за да избегнат казни или прогонство. Третата категорија не е присутна во демократските општества како што се САД и државите во Европа, па заради тоа повеќе ќе се сконцентрирам на првите две. Медиумите имаат за цел да ги информираат граѓаните за тоа што се случува на политичката сцена и да ги информираат актерите за желбите и ставовите на граѓаните. Тука јасно може да ја увидиме важната улога на медиумите за време на изборите и изборните кампањи.

(more…)